Менаџерот за квалитет на „Корендон интернешнал“ вчера дојде во Македонија за да изврши завршна детална проверка на хотелите каде што ќе бидат сместени нивните гости што ќе престојуваат летово во Охрид и во Струга. Инспекторот на „Корендон“ оствари средби со вработените во „Фибула ер травел“, македонски партнер на холандскиот тур-оператор, како и со менаџерите на хотелските капацитети. Како дел од подготовките за најавеното доаѓање на холандски туристи на Охридско-струшката ривиера, во Охрид утре пристигнува и тричлена екипа на холандска национална телевизија. Во текот на нивниот престој ќе ги посетат Охрид и Струга, каде што ќе се снимаат репортажи за убавините и за културно-историските знаменитости, но ќе ги посетат хотелите каде што е предвидено да бидат сместени холандските туристи, односно ќе се снима рекламен материјал за „Корендон“.
Менаџерот за квалитет на „Корендон интернешнал“ вчера дојде во Македонија за да изврши завршна детална проверка на хотелите каде што ќе бидат сместени нивните гости што ќе престојуваат летово во Охрид и во Струга.
Инспекторот на „Корендон“ оствари средби со вработените во „Фибула ер травел“, македонски партнер на холандскиот тур-оператор, како и со менаџерите на хотелските капацитети. Како дел од подготовките за најавеното доаѓање на холандски туристи на Охридско-струшката ривиера, во Охрид утре пристигнува и тричлена екипа на холандска национална телевизија. Во текот на нивниот престој ќе ги посетат Охрид и Струга, каде што ќе се снимаат репортажи за убавините и за културно-историските знаменитости, но ќе ги посетат хотелите каде што е предвидено да бидат сместени холандските туристи, односно ќе се снима рекламен материјал за „Корендон“.
Телевизиската екипа од Холандија ќе биде и на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ на 6 мај кога ќе пристигне првиот чартер-лет од Амстердам со 189 туристи. Со првите гости од Холандија во Охрид треба да допатува и продукт-менаџерот на „Корендон интернешнал“, како и генералниот директор на „Корендон туристика“.
„Фибула ер травел“ заедно со локалните самоуправи на Охрид и на Струга и амбасадата на Кралството Холандија во Скопје подготвуваат свечен пречек за гостите и посебна програма. Меѓу другото, предвидено е засадување лалиња кај споменикот на холандскиот писател А. Ден Долард на кејот на Охридското Езеро.
Холандските туристи беа меѓу најбројните странски гости на Охридската ривиера во 70-тите и во 80-тите години од минатиот век. Нивниот број драстично се намали по распадот на поранешната заедничка држава, а оттогаш досега тие во Охрид доаѓаа индивидуално или во помали групи. За првпат по дваесеттина години тие повторно организирано, аранжмански ќе престојуваат во Охрид и во Струга, во периодот од 6 мај до 18 октомври.
Големиот интерес на туристите од земјите на Бенелукс за пакет-аранжманите за Македонија ги натера менаџерите на „Корендон“ да воведат трет чартер-авион од Амстердам за Охрид за шпицот на сезоната, односно во јули и во август, зголемувајќи го бројот на понудени аранжмани од 8.500 на 10.480. Тоа значи дека само со гости од Холандија што ќе престојуваат овде аранжмански преку „Корендон“ ќе бидат реализирани над 60 илјади ноќевања.